Со сигурност може да кажеме дека ракометот прераснува во спорт кој се носи рамо до рамо со кошарката. Ако во минатото едвај го следеа 4000 гледачи, денеска се полнат сали од 15.000 гледачи и се бара тикет повеќе.

Кај нас ракометот како да почна да прераснува во религија и нема да погрешиме воопшто ако кажеме дека е спорт број еден во нашата држава. Оваа експанзија е благодарение на она кое се работеше и градеше сите овие децении на ракометот во Македонија. Oд нејзиното осамостојување, па до ден денеска, но и за време на Југославија и онаа многу силна Југословенска лига за која и самите Германци и Шпанци тврдеа дека екипите кои доаѓаат од таа лига, тоа не се луѓе него вонземјани на ракометната игра.

Се започна уште во раните 80-ти, кога тогашната гордост на Македонскиот ракомет, екипата на Пелистер од Битола жареше и палеше на секаде во тогашната Југословенска лига. Воедно и екипите на тогашниот Партизан од Бјеловар и Металопластика од Шабац, кои беа страв и трепет за Европа, никако не излегуваа на крај со овие Битолски момчиња. Пелистер беше на одлични патеки, па така неколку години после осамостојувањето, поточно во 1996 година, беше првиот клуб кој заигра во едно полуфинале на најелитното натпреварување на машкиот ракомет. Екипата предводена од сега покојниот Боро Чурлевски, па Душан Новокмед, Томче Петрески, Алескандар Зарков, Стефче Стефановски, Кире Поповски, Стевче Алушовски, Мирза Мамедов, Иван Марковски, Драган Маринковиќ и сите останати беше страв и трепет за Европа. И кога се чинеше дека е се готово и дека Пелистер може да се искачи на врвот на Европа за прв пат во нашата ракометна историја, тогаш ракометарите на Германски Лемго со звукот на сирената погодија и го исфрлија битолски Пелистер од големото финале. Момент во кој тагуваше цела Македонија, а гордите Битолчани со солзи во очите и неверување останаа во спортската сала Младост до касните вечерни часови.

Јафа Промет следната 1997 година го совлада германскиот Лемго и имаше една одлична борба во групната фаза покрај екипите на Лемго и Фотекс од Веспрем.

Во сезоната 1998/99 екипата на Вардар Ватростална беше елиминирана во полуфиналето од екипата на шпанскиот Адемар Леон. Остана повторно само желба за македонскиот машки клупски ракомет да се најде во едно големо европско финале.

Во раните 90-ти се појави на сцена и единствениот македонски шампион во едно европско ракометно натпреварување, тоа беше екипата на Кометал Ѓорче Петров. Од 1994 полека го трасираше патот во Европа. Така во сезоната 1999/00 за прв пат во историјата Македонија доби еден претставник во едно големо ракометно финале. Борбата против aвстрискиот Хипо ја загубивме, но не и желбата за медал.

Сезона 2001/02 Челинџ Куп, битолски Пелистер конечно ја проби онаа бариера полуфинале и се пласира во големото финале, за кое најзаслужни беа Петар Ангелов и Наумче Мојсовски. Но за голема жалост и тоа финале го изгубија од данската екипа Скјерн и покрај големата разлика на домашен терен од седум голови од 27-20.

Но сезоната 2001/02 ќе остане запишана во аналите на светскиот ракомет, а посебно за македонскиот ракомет. Ако Пелистер и Вардар не успеаа да го донесат пехарот на Европа во Македонија, тоа го направи Кометал.
Насекаде одекнуваше Кометал Шампионе, а Кастратовиќ, Будимир, Дину, Радуловиќ, Кисељева играа како по ноти. Како да го научија претходниот Виенски бал од минаната сезона, кога се изгубија некаде во чекорите во големото финале. Тогаш се беше поинаку, а Кале и Македонија гордо го носеа епитетот шампиони. Од таа сезона па натака, Кометал имаше уште една прилика да се искачи на врвот на Европа во сезоната 2005, но не го достигна тоа. Нажалост овој клуб згаснува во 2011 година и сите медаљи останаа некаде во витрините да сведочат за една огромна историја испишана во македонскиот женски ракомет.

Од сезоната 2005 на сцена настапува РК Металург. Металург иако датира од 1971 година и има неколку значајни резултати во 1980, 1986 и 1992, никогаш не е екипата во која беа вперени рефлекторите. Но од 2005 година, Металург доживува една ренесанса и буквално е незапирлив во освојувањето на титули во Македонското првенство. По промената на неколку тренери, на кормилото доаѓа искусниот хрватски стратег Лино Червар, кој незапирливо почна да реди успеси. Па така во 2013 година го носи Металург во четврт финалето од Лигата на шампионите со состав за кој многумина тврдеа дека не би можел ни да помисли на тоа,а Жути, Џомба, Ванчо, Станиќ стануваат новите љубители на Македонската публика.

Сите овие последни 7-8 сезони борбата за врвот во македонскиот ракомет ја води екипата на Вардар од Скопје. Ако во минатото тоа беа Пелистер, Преспа-Јафа, Тутунски Комбинат и Металург, денеска тоа со сигурност е Вардар. Клубот доби нов спонзор, доби прекрасен спортски центар по сите светски и европски стандарди и со сигурност може да кажеме дека во моментот е екипата број еден во Македонскиот ракомет, како машка така и женска. Клуб кој освои две титули во Сеха Лигата и на двапати беше сопрен во полуфиналето. Истотака мора да напоменеме дека на два пати беше исфрлен од пред прагот на Ф4 турнирот кај мажите. Но затоа во женскиот клуб, по трет во својата историја се најдоа на големата завршница на Европа, каде повторно за жал, завршија како трети.

Тука истотака мораме да ја споменеме и легендата на македонскиот ракомет Кире Лазаров, кој изминатата сезона 2014/15 се закити со титулата европски првак со својот клуб Барселона. Но нашиот капитен во своите витрини има уште многу значајни признанија и е еден од најзаслужните за нашите резултати во машкиот репрезентативен ракомет.

На сето ова неблагодарно би било доколку не ги спомнеме и најдобрите навивачки групи Чкембарите, Комитите, Мајмуни, Пирати, Кумани, Рибари и сите останати кои безрезервно ја даваат својата поддршка на своите миленици во текот на секој натпревар цели 60 минути.

Автор: Томислав Угриновски