И додека навивачите на Вардар, во Скопје и ширум Македонија, полека ги зафаќа еуфорија пред дуелите со Висла Плок, во 1/8 финалето на ЛШ, на другиот дел од градот, во таборот на сеуште актуелниот македонски шампион, расположението е сосем поинакво.

Цела сезона на Металург е некако на мускули. Не паметам колку пати во тековнава сезона велевме „ова е клучно за Металург“. Прво во првите 4 кола од ЛШ, па со штрајкот на играчите, па дуелите со Ла Риоха, па го чекавме СП во Катар итн. Се нешто беше клучно за Металург.

Сега конечно ситуацијата е јасна. Јасен е составот на Металург со кој скопската екипа ќе ја заврши сезоната. Сезона за заборав. Со најлош пласман во ЛШ, без пласман на завршниот турнир на СЕХА лигата (теоретски шансите сеуште постојат, но тешко дека ќе се реализираат). И сега, по завршувањето на последниот меч од СЕХА лигата со екипата на Брест Мешков на 15.03, почнува навистина клучниот период за Металург сезонава: Борба за второто место во македонското национално првенство.

Ако некој ова го напишеше на почетокот на сезоната – ќе беше предмет на потсмев од ракометната јавност. Но во моментов, тоа е реалноста. И, за ситуацијата да е уште потешка, се чини дека Металург и во таа битка за второто место не е фаворит. Осетно засилениот Зомимак, со една искусна екипа, без соменние е главниот фаворит првенството да го заврши зад неприкосновениот Вардар.

Но Металург нема така лесно да се предаде. Видовме во изминативе 4 кола во СЕХА лигата дека во Металург има страшен потенцијал. Има 5-6 играчи кои имаат талент да станат вистински ракометни ѕвезди. Всушност, со што точно располага Металург во моментов, како несомнен талент и квалитет.

Металург и македонскиот ракомет дефинитивно ги добија Нелоски, Талевски и Мартин Манасков. Нелоски со играта и во одбрана и во напад, полека ја презема лидерската улога во екипата. Сеуште нема информации околу неговата повреда, но се надеваме дека се е во ред. Талевски одамна го покажа својот квалитет. Сепак, се чини дека психички е паднат. Се гледа дека тешко се носи со притисокот и очекувањата од јавноста. Мора да сфати дека и тој и неговите соиграчи ја имаат целокупната поддршка. Промашил или погодил, не е битно. Важно е тој да се ослободи и да игра, онака како што може. Манасков во последните пар меча покажа дека „крвта не е вода“. Манасков има извонреден преглед на играта, брзина и удар од далечина. Се што е потребен за еден модерен среден бек. По наше лично убедување, овие тројца играчи имаат вонсериски квалитети мора да претставуваат темелот за идниот Металург.

Веднаш зад нив се браќата Маџовски, Костоски. Бојан импресионира со брзината, храброста и борбеноста, која се чини е главна карактеристика и на Борјан кој малку потсеќа на Мојсовски со тоа што и тоа како мора да работи на својот удар од далечина. Костоски конечно ја доби шансата и максимално ја искористи. Од македонските ракометари вреди да се споменат уште Пешевски, кој мора да биде многу подобар. Добро прави блокови, но не е доволно агилен и убоит на линијата. За крај го оставивме еден од најмладите, Горан Крстевски. Крстевски има страшен потенцијал. По нас, можеби и најголем од сите. По конституцијата, движењето, ударот од далечина и проигрувањата, Крстевски ги има сите предиспозиции да стане вистински ракометен суперстар. Дали ќе го направи тоа, во најголема мера зависи од него. Неговата посветеност и желбата за работа и напредок.

Од странците во Металург, јасно е дека Ѓукиќ е пред сите. Српското крило е извонредно. Сеуште не е константен на мечевите, но тоа е сосем разбирливо со оглед на неговите години. Тој мора да е иднината на Металург. Бувиниќ имавме можност да го следиме веќе неколку меча, и и покрај тоа што сосем сигурно не е вонсериски квалитет, тој може да биде од помош на позицијата десен бек/крило. Останатите засилувања се прекратко во Металург да се донесе дефинитивен заклучок, но се наѕираат нивните можности. Од сите се истакнува Војводиќ, уште еден јуниор, класичен плеј кој дополнително може да напредува и да биде од корист за екипата. Леворакиот Голубовиќ покажа знаци на квалитет, се чини дека има солиден удар, но истовремено и прави неразумни технички грешки. Голманот Ефендриќ имаше извонредна вечер во Бања Лука на последниот меч од СЕХА лигата, и ќе му биде од помош на Металург во престојниве 3 месеци. Најспорен е квалитетот на пивотот Вргоч, но веројатно неговите физички предиспозиции го натерале тренерот Червар да го земе во екипата. Тешко е да се процени, кој од овие играчи (со исклучок на Ѓукиќ) би останале во Металург и следната сезона, но секако се засилувања за македонскиот клуб во битката во националниот шампионат.

За крај свесно ги оставивме најискусните играчи на Металург, кои мора да ја понесат одговорноста во битката со струмичката екипа во шампионатот. Раде Стојановиќ, Гоце Ојлески, Митрески и Мисовски.

Стојановиќ полека се враќа во форма, од меч во меч е се подобар. Свесно Червар му дава дозирана минутажа, со цел да биде најдобар кога ќе биде најпотребно. Ојлески сеуште е далеку од формата во Металург минатата сезона, но мора да се стегне и да биде најдобар кога ќе биде најпотребно. Истото се однесува и на голманите Митрески и на Мисовски.

Севкупно гледано, ќе му биде тешко на Металург. Но овој пат, сигурни сме. Освојувањето на второто место во шампионатот ќе ја одреди иднината на Металург. Со пласман во СЕХА лигата, Металург ќе може да се посвети на носење 4-5 вистински засилувања за следната сезона, и создавање на компетитивен тим со кој би аплицирал за пласман во ЛШ (со вајлд карта).