Вториот противник на македонската репрезентација на Светското првенство во Катар е репрезентацијата на Иран. Дебитантот на светските шампионати, Иран е најголемиот аутсајдер во групата Б. Но, тоа никако не смее да ги залаже нашите репрезентативци.

Иран неколку години работи на создавање на квалитетна селекција. Веќе подолг период, селектори на оваа се селекција се познати европски тренери, и тоа почнува да дава резултати. Така со шпанскиот тренер Рафаел Гуихоса, на азискиот шампионат минатата година, Иран го освои првиот медал во својата ракометна историја, што покажува дека долгогодишната работа конечно почнува да дава резултати. Бронзен медал, кој воедно им го донесе и пласманот на светското првенство.

Во меѓувреме, дојде до промена на селекторското место, па на место на Шпанецот на клупата седна Словенецот Борут Мачек, со кој се очекува играта на Иранците да добие на дополнителна цврстина, особено на играта во одбрана.

Малку е познато за играчкиот кадар на иранската репрезентација. Едно име отскокнува – Иман Џамали, левиот бек на унгарски Веспрем. И, иако тој не добива многу шанса за настап во моќниот унгарски состав, извесно е дека фокусот ќе биде на него. Дополнително, иранската федерација, се обиде во изминатиов период да најде уште неколку играчи со интернационално искуство, па во репрезентацијата извесно ќе ги видиме и Швеѓанецот со иранско потекло Даниел Комајеш и данскиот голман Нима Замани. Сепак, основата на екипата е од домашното првенство. 75 ракометни клубови егзистираат во Иран, што е доволно Словенецот да направи сосема солиден ростер.

Во последните денови пред почетокот на првенството, Иран се подготвува во Италија, каде ќе одигра три пријателски мечеви – со репрезентацијата на Италија, и со два италијански прволигаши, што ќе биде добра шанса да се види моменталната форма на репрезентацијата (независно што квалитетот на противниците не е од највисока класа).

Иран патува на првенството со јасна цел – пласман во 1/8 финалето на шампионатот. И оние кои ги гледале нивните настапи се убедени дека Иран ќе изненади барем една од европските репрезентации. Се надеваме дека тоа нема да биде Македонија и дека нашите репрезентативци без ниту грам потценување ќе влезат во мечот и со 100% залагање ќе извојуваат сигурна победа.

Мечот се игра на 17-ти јануари, во Ali Bin Hamad Al Attiya арената, со почеток во 17:00 часот.