Репрезентацијата на Босна и Херцеговина е третиот противник на македонската ракометна репрезентација на светското првенство во Катар. Уште еден дебитант на светските шампионати, кој постигна историски успех со овој пласман. А патот до Катар, воопшто не беше лесен за Босанците. Откако во квалификациите го освоија првото место со 5 победи и само еден пораз, во плеј-оф дуелот направија вистинска сензација елиминирајќи го моќниот Исланд. Резултатот добива на тежина особено ако се знае дека Босна остана непоразена на двата дуела – победа 33-32 во Сараево, и нерешено 29-29 на мечот во Исланд, за голема радост на Босанците.

Ова е успех кој сите ракометни фанови во државата го чекаа 20 години, но сосем извесно не е и крајниот дострел на оваа одлична селекција. Селекторот Драган Марковиќ направи селекција по свој избор, токму за квалификациите за ова СП. Направи тим во кој има хемија и тим со победнички менталитет, а таквите репрезентации се најнезгодни. „Се разбира дека одиме во Катар со јасен цел, а тоа е пласман во вториот круг. Ќе дадеме се од себе таа цел да ја оствариме“– изјави Марковиќ на почетокот на подготовките.

И оваа изјава не е кажана залудно. Не треба да се заборави и дека Босанците реално имаат играчки квалитет. Тоа е селекција – вистински спој на младост и искуство, со играчи кои, иако не играат во европските екипи од „првиот ешалон“, сепак настапуваат во квалитетни тимови.

Почнувајќи од голманската позиција, каде го имаат Граховац од Шамбери и Буриќ од Горење, преку поискусните Прце (Азоти-Пулави), Торомановиќ (Кретеј), Терзиќ (Веспрем), Карачиќ (Брест Мешков), се до останатите Вражалиќ (Балинген), Овчина (Ал-Шамал), Савиќ (Азоти-Пулави), Милаш (Висла Плок), Врањеш (Пик Сегед), Малиновиќ (Кретеј).

Оваа селекција на Босна и Херцеговина има сила за пласман во 1/8 финалето и доколку успешно стартува (првиот меч Босанците го играат со Иран), Босна со Тунис и Австрија ќе се бори за едно од местата кои водат во нокаут фазата.

Но тоа се грижи на Босанците. И покрај погоре кажаното, и покрај добрите резултати во минативе две години, сепак се чини дека Босна и Херцеговина со квалитет е нешто зад македонската репрезентација. Така, според нашите очекувања, токму на мечот со Босна, во рамките на 3-то коло, ќе го осигураме пласманот во 1/8 финалето.

Мечот се игра на 19.01.2015 во Ali Bin Hamad Al Attiya арената, со почеток од 17:00 часот.