Р.К. Охрид 2013

Сите Охриѓани ќе се запрашат зошто баш 2013, кога ракометот во Охрид постоеше и многу пред тоа, кога на оние плаво бели дресови стоеше логото на Партнер, а на клупата командуваше Крсте Андоноски и кога Р.К Охрид го имаше најталентираниот младински состав во поранешна Југославија. Сигурно сега има воздишки кај сите Рибари кој ги менуваа кајчињата за ракометот. Сега сигурно кај оние постарите Цвето Веровски, Љупчо Митрески, Климчо Василески, Петар Балески, Ристо Ристески (романец), Михајло Верононски и другите ќе навират сеќавања и ќе отвориме многу ракометни приказни.

Сето тоа, како да беше потонало на дното на Охридското езеро. Се до 2013 кога клубот се трансформира во акционерско друштво, во кое општината станува сопственик со најголем број на акции, кога сите љубители на спортот во Охрид го потпомагаат клубот и го вратија во Супер лигата каде денеска има една голема улога во Македонската лига.

Сега се е исто како некогаш, повторно на клупата командува Андоноски, но сега оној помладиот Горан, човек кој беше и наш репезентативец во онаа славна селекција на Лазаров, Мојсовски, Макаловски, Марковски, Зарков, Ходик и останатите.

Горан Андоноски, Ѓоко Апостолов и останатите, сериозно си ја сфатиле работата. Па така во екипата на Охрид донесоа пет странци оваа сезона, а зимските подготовки ги започнаа со засилување на голманската позиција со што го донесоа Благојче Трајковски од Макс Струмица. Голман кој оваа полусезона беше голманот со највисок просек на одбрани по натпревар во СЕХА лигата. Но тоа не е се, апетитите се се поголеми. Па така ни најавуваат уште едно засилување во блиска иднина, со кое ќе атакуваат во борбата за Европа.

За поздравување е тоа што тренерот Андоноски им дава се поголема минутажа и на младите играчи од младинскиот погон, со што во иднина се очекува да бидат и носители на Р.К Охрид.

Оваа цела приказна не би била комплетна доколку не би била подршката од трибините од верните Рибари. Дефинитивно го баталиле кајчето и дошле да навиваат, па така на секој натпревар Охрид има рекордна посетеност од 1500 гледачи. Каде за дерби натпреварите бројката достигна и до 3500 гледачи и се бараше билет повеќе, едноставно градот почна повторно да живее за ракометот.

Во исчекување на вториот дел од сезоната и плеј-оф натпреварите, само ќе им посакаме голем успех, работа со исто темпо и конечно остварување на сонот Европа.

Автор на текстот е Томислав Угриновски