Што доби Македонија од овој шампионат

Македонија го започна ова Европско првенство со одлична прва рунда и без пораз (победи против Словенија и Црна Гора, нерешено против Германија) полна со оптимизам ја започна главната фаза. Меѓутоа надежите и очекувањата започнаа да тонат уште во првиот меч со Шпанија, а беа уништени по болниот пораз од Чешка. Вчерашниот натпревар од Данска, на кој повторно бевме поразени, беше само натпревар за самодоверба и подобар пласман.
Меѓутоа иако не постигнавме историски успех на ова Европско првенство, сепак има позитивни работи кои може да се издвојат во поглед на играта на Македонија на овој шампионат.
Игра без Кирил Лазаров
Она што особено радува на ова Европско првенство е што видовме дека како репрезентација можеме да функионираме и без човекот кој беше клучот на секој репрезентативен успех во последните години – Кирил Лазаров. И пред принудното повлекување на капитенот од игра на мечот со Шпанија и неговото отсуство на натпреварите со Чешка и Данска беше јасно дека играта на Македонија веќе не се базира целосно на него и неговиот моќен шут.
Акциите често се градеа преку пикер, а шанса за шут добиваа и помладите кои играат главно на левата бековска позиција. Ова е голема промена во начинот на игра на нашата репрезентација, која ветува стабилизирање на играта и подобра распределба на улогите во тимот. Тоа не значи дека отсуството на Лазаров не се чувствува на теренот, посебно во одлучувачките моменти од натпреварите, меѓутоа е патот по кој Македонија треба да оди за да се подготви за иднината.
Видлив напредок на младите во репрезентацијата
Играчите кои треба да бидат носители на играта на Македонија во следниот период навистина се покажаа на ова првенство. Талески и Кузмановски покажаа дека има кој да го замени Лазаров како бомбардер од бековските позиции. Двајцата исто така играа одлично во ситуации еден-на-еден.
Пешевски се покажа како солидна замена за Стоилов и со малку повеќе искуство ќе може рамноправно да ја дели минутажата со вардаровиот пикер. Мартин Велковски, кој принудно мораше целосно да го замени Лазаров на десната бековска позиција, и покрај тремата и неискуството изигра добро. И тој, како Пешевски, со малку работа на одредени сегменти од неговата игра и малку повеќе искуство ќе може да му даде оддишка на капитенот Лазаров.
Вреден да се спомене е и Мартин Поповски, кој имаше мала минутажа, но ја оправда довербата на селекторот. Тој имаше улога и во одбраната каде играше напред во формацијата 5-1, позиција која често ја имаше и Филип Талески.
Солиден учинок на голманската позиција
Голманите се вечна болка на македонската репрезентација. Пред секој шампионат се развива дискусија за тоа кој би требало да добие шанса да застане помеѓу стативите на македонскиот гол. Овој пат минутажата пред македонскиот гол ја делеа Борко Ристовски и Никола Митревски. Борко Ристовски беше стандардно прв голман за Македонија и како и на претходните големи натпреварување имаше доста променлив учинок. Сепак мора да му се даде заслуга за одличната игра против Германија.
Вистинско „изненадување“ на ова првенство е Никола Митревски, голманот на романската Констанца. Митревски и претходно има добивано шанса, но овој пат совршено ја оправда и според многумина требаше да прв голман на местото на Ристовски. Неговиот најдобар натпревар беше против Шпанија, каде во вторто полувреме дојде до 14 одбранети удари. Сепак неговата константност, и покрај малата минутажа, го доведе постојано да биде во топ 4 голмани во досегашниот тек на првенството, што е огромен успех во конкуренција на голмани како Андреас Волф, Винсент Жерард, Никлас Ландин итн.
Селектор со визија
Македонија конечно на клупата има стратег, кој полека, но сигурно успева да ги склопи коцките на овој тим желен за големи успеси. Раул Гонзалес покажа, особено во натпреварите од првата рунда, дека со добро припремена тактика, која ќе биде следена во текот на целиот натпревар, можно е надигрување со било која од големите ракометни сили. Неговата работа со играчите се забележува и на психолошки план и во голем дел од првенството играчите на теренот делуваа смирени и подготвени да одговорат на неговите барања.

Очигледно е дека му претстои уште работа со овој тим за да го подготви за целосно спроведување на неговата визија. Неговиот договор со РФМ е до 2020 година, односно до крајот на овој олимписки циклус, а со нашата репрезентација му претстои Светското првенство во Данска и Германија во 2019, Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска во 2020, како и, да се надеваме, Олимписките квалификации во 2020. Време за Раул Гонзалес да ја создаде магијата, која беше клучна за успехот на Вардар, има. Да се надеваме само дека ќе успееме да го задржиме како селектор барем до истекот на првичниот договор.

М.Ј
М.Ј
Самоук ракометен „експерт“ на долготрајна задача во Бундеслига!

Comments are closed.