Словенија – нашиот прв противник!

Освојувачот на бронзениот медал на СП одржано пред една година, репрезентацијата на Словенија е првиот противник на Македонија на европскиот шампионат во Хрватска.

Словенија е една од најперспективните и најсилните репрезентации во светот. Селекција, која не само што е редовен учесник на европските и светските шампионати, како и на Олимпијадите, туку и секогаш цели на висок пласман. Така, покрај брозната на минатиот светски шампионат, Словенија до сега има и полуфинале на СП во 2013 и четврт-финале во 2015, додека на олимпијадата во Бразил се пласираше во четврт-финалето.

Словенија има нешто послаби резултати на европските првенства, каде освен среброто на домашен терен во 2004, нема позначајни успеси.

Словенија игра еден од најубавите ракомети за око. Водени од несомнено големиот познавач на ракометната игра, но и огромен мотиватор, Веселин Вујовиќ, оваа генерација словенечки ракометари, не само што игра атрактивно, туку и победува.

Вујовиќ пред две години почна да ја создава оваа селекција и сега на располагање има тим, а не индивидуалци. Секако, се работи за извонредни поединци, но Вујовиќ успеа да ги спои во тим.
Проблем за стручниот штаб пред почетокот на шампионатот се повредите на клучниот дефанзивец Грабер, Потеко, Кавтичник, Миклавчич, Хенигман и Доленец за кој постојат некакви шанси да се опорави до почетокот на ЕП.

Селекторот на Словенија е задоволен од досегашниот тек на припремите, но ги менаџира секогаш високите очекувања на словенечката јавност: „На првенството одиме тивко, со желба да го искористиме фактот што шампионатот се игра близу, па да ја искористиме поддршката од наите навивачи и со цел на секој натпревар да покажеме што знаеме. Ако тоа биде доволно за медал, ние ќе бидеме задоволни“.

На првиот пријателски меч, Словенија високо ја совлада селекцијата на Иран со 31:19, но за вистинската сила на репрезентацијата ќе ги почекаме преостанатите 2 пријателски мечеви со Србија, на 9-ти и 10-ти Јануари.

Македонија со Словенија игра на 13-ти (сабота), со почеток во 19.30 часот.

Т.К
Т.К
Ракомет > фудбал + кошарка. Ракометен фан од времето на Марина Абрамова!

Comments are closed.