Европското ракометно првенство само што започна, а веќе е исполнето со скандали. Вчерашниот натпреварувачки ден беше посебно интересен поради натпреварот помеѓу Словенија и Германија. Трета во свет репрезентација и европскиот првак изиграа дуел за паметење.
Меѓутоа сетоа тоа ќе остане во сенка на завршницата на мечот кога судиите одлучуваа по приговорот на Германците користејќи ја новововедената технологија во овој спорт – видео доказ.
Ракометната јавност се крена на нозе по одлуката на судиите да доделат црвен картон на Блаж Благотинеш и удар од седум метри за Германија, кој Тобиас Рајхман го искористи за да го изедначи резултатот. Она што многу малку од спортските новинари го разгледаа е примената на правилото кое го искористија судиите. Ситуацијата за која тие одлучуваа беше поврзана со стартот од центар на германската репрезентација, а не на словенската, како што многумина веруваа поради конфузната одлука на режисерот повеќе пати да ни ја прикаже ситуацијата пред голот на Словенците.
Главното прашање на кое треба да се одговори е – дали Паул Друкс ја исфрлил топката во рамките на предвидените 60 минути од натпреварот?
Во зависност од времето на исфрлање на топката, постојат две можни ситуации:
  1. Ако Друкс ја исфрлил топката во рамките на 60те минути, тогаш тој можел непопречено да ја започне акцијата. Во овој случај правилото за црвен картон и удар од седум метри не важи! Ова според правилата се казнува со 2 минути и слободен удар.
  2. Ако Друкс ја исфрлил топката со или по завршната сирена т.е. надвор од предвидените 60 минути, тогаш Словенците го спречиле неговиот напад. Во овој случај судиската одлука е црвен картон и удар од седум метри.
Оваа недоумица е причината за долгото одлучување на судиите на вчерашниот меч. Сепак како гледачи е тешко да процениме дали одлуката на судиите е правилна, бидејќи часовниот кој го гледаме на екранот е различен од оној во салата, а сирената за крај едвај се слуша од буката во салата. Истото ова им го отежни и одлучувањето на судиите.
Приговорот кој Словенците го испратија до ЕХФ во врска со оваа ситуација денеска беше одбиен. Од Словенскиот табор се слушаат гласини за повлекување на Словенија од првенството.
Што и да се случи на крајот несомнено е дека досегашното судење, кое кулминираше во вчерашната судиска одлука, остава црна дамка на првенството.