Можеше ли Македонија да биде подобра на ЕП

Македонија преку Чешка за СП во Франција
31/01/2016
Битката за Рио ќе се води во Гдањск
03/02/2016

Можеше ли Македонија да биде подобра на ЕП

Ракометната репрезентација на Македонија е единствениот македонски тим кој може да се носи рамноправно со најдобрите селекции во светот. И тоа не е спорно. Впрочем, тоа се потврди и на ЕП во Полска. Истовремено, првенството потврди дека Македонија може и да загуби од секоја ракометна селекција и дека немаме екипа која може да се вмеша во борбата за медалите. И тоа е суровата вистина на која мора да и погледнеме во очи ако сакаме да одиме напред. Ако сакаме да бидеме повеќе од селекцијата која на секој може да му откине по некој бод.

Мечевите на македонската селекција на овој шампионат покажаа дека костурот на екипата веќе го има достигнато (и надминато) својот зенит и невклучувањето на помлади ракометари во репрезентацијата си го направи своето. И, тоа дека ние немаме ракометари со репрезентативен квалитет на возраст од околу 25 години, туку само јуниори на возраст од 20 години не е никакво оправдување. Видовме дека кај три од 4-те селекции во полуфиналето (Германија, Норвешка и Хрватска), како и кај некои други (Шведска) токму овие 20-годишни ракометари се клучните играчи во своите екипи. Нам ни е јасно дека целта на оваа генерација македонски ракометари е пласман на ОИ во Рио и дека на ЕП се гледаше како на попатна станица кон Бразил, на кое се чини цел беше само да се пројде група за да се добие полесен противник во баражот за СП. Но тоа не ја намалува тежината на фактот дека се потребни нови лица во екипата. Истовремено, мора отворено да се каже дека на некои репрезентативци не им беше место во Полска.

Неспорно, 11-то место во Европа не е мала работа. Но тоа не е близу до амбициите на самите ракометари, на федерацијата, на јавноста. Во репрезентацијата се потребни промени – но никако не сега. Во април Македонија игра олимписки квалификации. Тројца противници по мерка (Полска, Тунис, Чиле) преку кои може да се оствари сонот не само на репрезентативците, туку и на цела спортска Македонија. Но, она што не смее да се игнорира се нарушените односи внатре во репрезентацијата. Тие луѓе мора да ги остават своите ега на страна, да поразговараат и да ги решат сите недоразбирања. Веднаш. И во април – одиме по историски успех.

Оваа генерација даде многу за промоција на македонскиот ракомет во светот. Но, според нас има уште три предизвици пред себе. Прво, и најважно, да обезбеди пласман на Олимипијада. Тоа е сонот на секој љубител на ракометот во Македонија. Второ, да го помине баражот за СП во Франција. Баражот е на програмата во јуни, и заради полесна смена на генераците, која сите знаеме дека доаѓа, континуитетот е исклучително битен. Трето, костурот на оваа репрезентација К. Лазаров, Миркуловски, Прибак, Велко Марковски, да ја предводат „новата“ репрезентација на шампионатот во Франија за една година. И тоа, тие таму да играат не 60, туку 20мин. по натпревар, а „новите“ Кузмановски, Талески, Неловски, Дрогришки, Велковски, Крстевски, Костески, заедно со актуелните членови на репрезентацијата Манасков, Стоилов, Пешевски, Н. Марковски, Георгиевски, Ојлевски, да продолжат со успеси во репрезентацијата.
Кога ние би биле Федерација, тоа би ни била стратегијата. РФМ веројатно размислува во тој правец и со внимание ќе ги следиме нивните идни чекори.

Т.К
Т.К
Ракомет > фудбал + кошарка. Ракометен фан од времето на Марина Абрамова!

Comments are closed.