Почекавме да слегнат емоциите, да го догледаме светскиот шампионат (речиси) до самиот крај, да ја погледнеме статистиката и да ги прашаме фановите, за да конечно напишеме анализа за настапот на Македонија на СП во Франција.

Во пресрет на финалето, во кое се чини дека ќе играат репрезентациите кои објективно најмногу покажаа, Норвешка и Франција, се решивме да анализираме 4 аспекти од настапот на нашата репрезентацијата: резултатот, тимскиот впечаток, тактиката (Червар) и индивидуалниот придонес.

  • Резултат

Пласманот во 1/8 финалето се чни дека е реална слика на нашите можности. Кога ќе се додаде дека бевме трети во сосема солидна по квалитет група, се чини и дека настапот и резултатите на шампионатот се над реалниот квалитет на македонската репрезентација. Точно, македонската јавност секогаш има огромни очекувања (и тоа е сосем нормално), но факт е дека ова првенство е прв чекор во создавањето на репрезентација која ќе се пласира на ОИ во Токио. И во тој контекст, резултатски гледано, беше важно да се задржи победничкиот менталитет (поточно да се помине групата) и дел од новите играчи да осетат што значи да се игра на едно СП: Се чини дека двете цели се успешно остварени.

  • Тим

Македонија со својата игра остави добар впечаток. Ова мислење го делат и ракометните експерти надвор од државата, но можеби поважно кај македонските фанови (70% се задоволни од настапот на репрезентацијата). Сепак треба да се погледне на реалноста во очи и да се каже дека ние сме далеку од репрезентација која може да оди на медал. Ростерот мора дополнително да се прошири со играчи кои може да повлечат, што веројатно значи дека Червар веќе на следниот шампионат ќе мора да оди со дополнително подмладување на репрезентацијата, за да пронајде уште неколку квалитетни играчи.

  • Тактика

За оние кои го следат Металург годинава, јасно беше дека Червар на шампионатот ќе инсистира на игра 7-6. И „коцкањето“ со оваа тактика му се исплатеше. Имено, иако е сосем јасно дека примивме неприфатливо многу голови при празен гол, факт е дека во напад игравме најдобро од сите репрезентации кои ја користеа можноста да играат со 7. Од друга страна, кога напаѓавме со стандардната постава, се мачевме. Многу тешко создававме шанса за гол, и тоа е она на што ќе мора многу да се поработи. Транзицијата од одбрана во напад беше еден од послабите делови во нашата игра и како резултат на тоа не постигнувавме лесни голови. Во одбраната, Червар мора уште многу да работи за да дојде до препознатливата игра која ја имаше наметнато и во Хрватската репрезентација и во Металург. Јасно е дека со Нелоски и Талески ќе мора многу да се работи за да можат да го заменат Јоноски во одбраната. Игравме 5-1 и 6-0, но се чини дека сеуште оваа репрезентација не е доволно уиграна во одбраната. Червар на првенството речиси подеднаква минутажа им даде на помладите. Иако според она што го играше во Металург сезонава, се очекуваше Талески да биде во прв план, сепак шанса добија сите (Талески, Нелоски, Дрогришки), но Червар ќе мора дополнително да ги форсира во иднина, и да работи со нив во Металург (за оние кои ќе играат таму) пред да може да го понесат товарот во репрезентацијата.

  • Индивидуален придонес

Играч на првенството е Стојанче Стоилов. Одигра најмногу (331 минута од можни 360), играше и во одбрана и во напад и покажа дека Раул неоправдано му дава мала минутажа во Вардар. Тој е и втор стрелец на репрезентацијата со 23 голови од 36 обиди, а најпрецизен беше против Тунис, во најважниот меч за нас на овој шампионат (7 голови). Алфа и омега на репрезентацијата и понатаму секако е Кире Лазаров. Постигна 50 голови имаше 28 асистенции што значи дека од вкупно 163 голови на Македонија, Лазаров е директно заслужен за 78, речиси половината, што е неверојатно. Лазаров е на пат да биде најдобар стрелец на шампионатот иако одигра 3 мечеви помалку од некои од своите конкуренти. Од останатите играчи ќе го издвоиме Миркуловски, чие отсуство на теренот секогаш јасно се приметуваше во нашата игра бидејќи извонредно го организираше нападот, а како и секогаш беше одличен и пожртвуван во одбрана (263 минути, 10 голови, 66% прецизност). Крилата Манасков (17 гола од 29 обиди) и Гоце Георгиевски (18 гола од 29 обиди) беа подобар дел од екипата иако ако беа само малку поконцентрирани во одредени зицер ситуации, тоа можеше да биде и тоа како подобро. Одличен настап имаа и браќата Марковски. Никола одигра 239 минути, постигна 13 гола од 16 минути, играше и одбрана и напад и кај него е видлив напредокот. Велко беше извонреден во одбрана и покрај повредата, максимално се бореше и секогаш кога игравме без него во одбрана, тоа се осеќаше. Јасно е дека и двајцата се клучните играчи на репрезентацијата. Новите сили во репрезентацијата, Талески, Нелоски и Дрогришки добија одлична минутажа, но општ впечаток е дека мораше да одиграат подобро. Сите тројца мора уште многу да работат доколку сакаат да станат врвни ракометари, а и да го продолжат успехот на своите постари колеги.

СП во Франција за македонската ракометна репрезентација беше прв чекор од неколкуте до пласман на ОИ во Токио, што РФМ и Червар си го поставија како цел. И се чини дека добро почнаа. Но тешкото допрва претстои. Следи дополнително подмладување, а и период во кој Македонија ќе мора да изгради своја препознатлива игра. И тоа не мора да биде никаква копија на да речеме брзата игра на Норвешка и Словенија или физички доминантната игра на Франција. Впрочем, ростерот е тој, и врз база на нашите можности ние треба да играме онака како најдобро умееме. Од играчки аспект, Червар има уште неколку предизвии пред себе. Се уште лутаме во изборот на голмани. Се чини дека изоставувањето на Борко Ристевски е одличен потег, но сега треба да се најдат голмани што долго ќе бидат со репрезентацијава, а не да ги менуваме на секој шампионат. Треба да се најдат втори крила, зад Манасков и Георгиевски (можеби тоа ќе е изборот на селекторот за ова првенство – Поповски, а можеби и некои од јуниорите ќе се наметнат, како во клупските настапи, така и на СП летово во Алжир). И секако да се дооформи клучниот дел од секој ракометен тим – бековската линија. Лазаров и Миркуловски сеуште се водачи, и нивните две позиции се најголемата непознаница за во иднина.

Следен голем шампионат е ЕП во Хрватска. И заради системот на натпреварување и патот до ОИ во Токио, овој шампионат е еден од најважните. Прво потребно е да обезбедиме учество (а тоа нема да биде ни малку лесно), а потоа и да ја поминеме групата за да добиеме полесен противник за баражот за СП 2019, од каде веќе ќе почнат да се делат Олимписките визи. Можеби изгледа далеку, но секое скршнување од овој пат и тоа како ќе го отежни остварувањето на олимпискиот сон.