Кој потфрли, а кој одигра на ниво?

Македонија против Тунис, Чиле и Полска до Рио
31/01/2016
Македонија преку Чешка за СП во Франција
31/01/2016

Кој потфрли, а кој одигра на ниво?

За да се оди напред, не смее да се затвораат очите пред проблемите. За се во животот, па и за ракометната селекција. РФМ и стручниот штаб мораат со чисти мисли, да направат професионално анализа, што можеше да биде подобро и што ќе се направи во иднина за подобрување на пласманот на нашиот национален тим.

Ние во МакРакомет, иако јасно сме далеку од знаењето на Обрван и неговиот тим, направивме наша анализа и видување за настапот на репрезентацијата на шампионатот. И бидеќи се залагаме за отворена дебата и анализа, ние гласно ќе го кажеме нашето мислење.

Ќе тргнеме од лошото – сметаме дека на некои репрезентативци не им беше место во Полска. (што заради квалитетот, што заради моменталната форма). Со сигурност на Филип Лазаров, Наумче Мојсовски, Никола Марковски, не им беше место во репрезентацијата. Филип Лазаров за жал игра премалку во Вардар, а не може да кажеме дека е со врвен квалитет, па и кога не игра да може да биде значаен за тимот (за разлика од, на пример Манасков, кој иако воопшто не игра во Вардар, беше еден од тројцата наши најдобри играчи во репрезентацијата). Мојсовски е приказна за себе. Спортската јавност, но пред се стручниот штаб не може да замиже пред актот дека Мојсовски до декември беше без клуб и со тоа вон тренажен процес како што му доликува на врвен спортист. Одигра само 2-3 натпревари за својот клуб во декември и тоа не е доволно за да држи место во репрезентацијата. И тоа се виде јасно на шампионатот. Сигурно Обрван сериозно смета на него за квалификациите за ОИ, и шампионатот го искористи и да му помогне на Мојсовски да се врати во играчка форма, но дали е тоа доволно добра причина? Никола Марковски пак и покрај својот потенцијал игра во екипа каде нема сериозни противници и не можеше да биде втор избор на позиција пикер, пред Пешевски. Само заради моменталната форма, а не заради неспорниот квалитет, прашање е дали Обрван можеше шампионатот да го помине и без Велко Марковски, кој во декември направи трансфер во Загреб и несомнено ќе биде во врвна форма до април, но во моментов сеуште не е таму. Како никогаш до сега, Марковски и Јоновски беа порозни во одбраната, особено кога нападите на противниците одеа преку пивот. Како и со Мојсовски, и во неговиот случај, играњето за репрезентацијата го гледаме во правец на враќање во врвна форма, иако можеби можеше на шампионатов да се пробаат некои други играчи.

Добрата страна е врвната игра на крилата, Манасков и Георгиевски беа одлични. Крила со светски квалитет. Гоце Георгиевски уште повеќе напредувал играјќи во Тулуз, додека Манасков потврди дека пред него е блескава кариера. Но ако, и само ако игра во својот клуб. Искрено, гледајќи го Манасков, апсолутно е нејасно зошто Раул не му дава барем 20мин. по натпревар. Ако наскоро нешто не се промени, се плашиме дека формата на Манасков ќе оди надолу.

Во бековската линија имавме 3-4 играчи на своето ниво – Лазаров, Миркуловски, Прибак и Кузмановски. За Кире Лазаров се е кажано. Тој е неоспорен лидер на тимот и е двигател на репрезентацијата. Со исклучок на мечот со Хрватска, одигра одлично и потврди дека е еден од најголемите спортисти во историјата на Македонија. Филип Миркуловски повторно беше одличен. Секој меч го игра како да му е последен во кариерата и сите помлади ракометари од него можат само да учат. Мислиме дека Миркуловски е најдобар пример за тоа каков треба да е односот кон македонскиот дрес. Немања Прибак, можеби беше најконстантен, и неговото искуство и знаење се од непроценлива важност за екипата. Одлично деби на големите натпреварувања имаше Филип Кузмановски. Младиот ракометар покажа дека блесоците за Металург во ЛШ не беа случајност и дека Обрван не згреши што го повика во репрезентацијата. Истовремено, неговите игри се препорака и останатите него врсници да добијат шанса во репрезентацијата.

На позицијата пикер, Стојанче Стоилов имаше солиден шампионат, но неговата не толку голема минутажа во Вардар и повредите во изминативе месеци си го направија своето и не можеше да го даде максимумот. Сепак, машки играше по повеќе од 45 минути по натпревар (одлука на Обрван која е една од најспорните на првенствово). Го одменуваше Пешевски, кој беше солиден втор пивот. Тој многу напредна во последниве неколку месеци, но и понатаму мора да работи и на техника, и на концентрација. Се добива впечаток дека мора да биде подобар од зицер ситуациите.

Голманската позиција остана горчливо прашање за репрезентацијата. Борко Ристевски не беше константно на потребното ниво. Беше добар во дуелите со Франција, Полска и Норвешка, и очаен во останатите мечеви. И проблемот не е во тоа што не бранел добро на сите средби. Проблемот е што не се прави навремена замена и не се дава навремена шанса на вториот голман. Штербик, Алиловиќ, Омејер, може да бидат седнати на клупа. Не и Ристовски. Или барем така е впечатокот од надвор.

Од останатите, настапија уште Митков, кој имаше повремени блесоци во одбрана и напад, Ојлевски, кој доби мала минутажа и Дупјачанец кој практично и да не доби шанса.

На крај за Обрван. Прво, се чини дека мораше да биде похрабар со ростерот. Во ваква конкуренција на бекови, Талески мораше да биде во тимот. Тој имаше добри настапи, како за Металург во ЛШ каде беше стартер, така и во пријателските мечеви на репрезентацијата во ноември (со Хрватска и Црна Гора) и, особено сега по завршувањето на шампионатот, јасно е дека требаше да биде во Полска. Понатаму, Обрван, мораше да прави почеста ротација во тимот. Како и на претходните шампонати, и на овој, во втората фаза Македонија целосно падна, што се должи и на лошото дозирање на ракометарите на почетокот, особено во првите 2 меча од турнирот. Позитивно е што Македонија продолжи да игра добро во напад, што е директен придонес на Обрван. Во секој случај, Ивица Обрван е од големо значење за репрезентацијата.

Збор-два и за федерацијата. Да направиш договор со некој клуб дека помошникот тренер ќе ти биде на располагање само половина турнир е бесмислено и понижувачки. РФМ или да го предефинира договорот со Шамбери или да најде нов член на стручниот штаб. Веќе се прашуваме дали и Обрван и Брестовац ќе можат да бидат со репрезентацијата за олимписките квалификации или ќе може да дојде само еден? РФМ е најпрофесионалната спортска организација во Македонија. Но тоа не значи дека не треба постојано да се поправа и напредува во своето функционирање.

Се надеваме дека РФМ ќе изготви многу поиздржана анализа и дека ќе ги примени препораките кои ќе произлезат од неа.

Т.К
Т.К
Ракомет > фудбал + кошарка. Ракометен фан од времето на Марина Абрамова!

Comments are closed.