Како до победа над Словенија?

И којзнае кој јануари по ред, Македонија дише за ракометот.

Македонската ракометна рпрезентација денес го започнува натпреварувањето на XIII Европско ракометно првенство кое се одржува во Хрватска. Шампионатот започна вчера, но за македонските фанови вистинскиот старт е денес, кога настапува нашата селекција. А поатрактивен противник на почетокот и не можеше да имаме.
Словенија.

Репрезентацијата која е освојувач на бронзениот медал на последниот светски шампионат, репрезентацијата која е предводена од Вујовиќ, репрезентацијата која и до сега е многу поуспешна во меѓусебните дуели. Но тоа е минатото. Денес, тоа минато ништо не значи. Денес, Македонија оди на победа.

Словенија е фаворит пред почетокот на мечот, независно што навистина има проблеми со составот. Словенија негува брза игра, па Вујовиќ ќе се обиде баш со колективноста да го покрие отсуството на некои клучни играчи. Па сепак, Доленц, Грабер, Потеко, Кавтичник, Миклавчич, Хенигман не се било кој и нивното отсуство од теренот сериозно ќе влијае на играта на Словенија. И тоа Македонија мора да проба да го искористи.

Како и на сите дуели, успехот на денешниот меч ќе зависи од нас самите. Ќе видиме колку новата игра на Македонија ќе биде на ниво да се победи сериозна репрезентација како што е Словенија. За разлика од досегашниот наш начин на игра – споро, со целосна контрола на топката, до границите на пасивен напад, Раул како и во Вардар оди на брза игра.

Токму таа игра, може да даде резултат само ако нашите играчи се сконцентрирани, не промашуваат зицери и не прават неизнудени грешки. Победа нема без добри голмани, нешто што реално ни е проблем години наназад. Кај Талески очекуваме да видиме напредок од неговите настапи во бундеслигата, и значително да го намали притисокот од противничкаа екипа, кој секогаш е фокусиран на капитенот Лазаров.

Како до победа над Словенија?
Лесно, со постигнат гол повеќе.

Мечот е со почеток во 19:30 часот, со директен пренос на ТВ Телма.
Среќно!!!

Т.К
Т.К
Ракомет > фудбал + кошарка. Ракометен фан од времето на Марина Абрамова!

Comments are closed.