Кадетите со три победи на стартот

Младинците против Шведска за прва победа на ЕП во Данска
02/08/2016
Филип Талески е новиот капитен на Металург
18/08/2016

Кадетите со три победи на стартот

Европската ракометна федерација од оваа година го измени начинот на натпреварување во младинските категории. Новиот систем не вклучува квалификации за настап на ЕП, туку две, по квалитет различни, првенства. Така, во моментов се игра ЕП за кадети во Хрватска, но во исто време се одржуваат и 3 кадетски турнири во организација на ЕХФ, со репрезентации кои ЕХФ според резултатите во оваа категорија ги смести во „понизок ранг“ на натпреварување. При тоа, победниците на секој од овие турнири ќе се пласираат на ЕП за јуниори за 2 години (истата оваа генерација), додека 3-те најслаби од ЕП првенство во Хрватска, ќе го загубат своето место на тој шампионат.
Затоа, учеството на Македонија на турнирот во Бугарија е значајно. Таму нашите млади ракометари заминаа со јасна цел – освојување на турнирот и враќање меѓу најквалитетните репрезентации.

Во првите три кола, кадетската репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Илија Темелковски, оствари три победи. По лесните два триумфа со Кипар (36-17) и Ерменија (49-13), Македонија во третото коло конечно имаше противник со ракометна традиција – репрезентацијата на Украина. Во тесен и незивесен дуел, Македонија сепак успеа да ја забележи и третата победа со минимални 28-27. Димитар Димитриоски со 10 голови беше прв стрелец во нашиот тим, а 6 голови додаде Дарио Петровски. Марио Танкоски одлигра одличен меч на двата краја од теренот и со 5 постигнати голови го доби признанието за најдобар играч на мечот, Филип Арсеновски исто така имаше впечатлива улога во одбраната а постигна и 4 погодоци, а во листата на стрелци се запишаа и Мартин Серафимов со 2 голови и Томислав Јагуриновски со 1 гол.

По три кола, Македонија е на делба на првото место, заедно со фаворитот во нашата група, репрезентацијата на Унгарија. Со Унгарците ќе се сретнеме во последното коло, кога во директен дуел ќе се обидеме да дојдеме до првото место во групата и настап во финалето на турнирот во Бугарија.

Денес на турнирот е слободен ден, додека утре (петок), со почеток во 15:00ч, Македонија игра со Косово. Решавачкиот дуел со репрезентацијата на Унгарија ќе се одигра во сабота, со почеток во 19:00ч.

Т.К
Т.К
Ракомет > фудбал + кошарка. Ракометен фан од времето на Марина Абрамова!

Comments are closed.