Синоќа, Македонија убедливо со 32:24 славеше против Романија во првиот натпревар од бараж пресметката за пласман на СП 2019 во Германија и во Данска.

Иако резултатот е убедлив, играта на нашите репрезентативци не беше на ниво. Особено играта во одбраната, но за среќа тука беше расположениот Борко Ристовски кој ги спречи романците да се вратат во игра.

Македонскиоте репрезентативец, Филип Талески го потврди тоа и најави дека ќе се подобрат за реваншот во Романија.

„Од резултатот може да бидеме задоволни, но од играта не. Да бидеме реални, имавме проблеми во одбраната … Имавме пропусти во одбраната, но за среќа на голот го имавме Борко Ристовски кој бранеше фантастично и ни даде крилја. Ристовски е тој кој не водеше кон победата. Факт е дека имаме добар резултат, но не смее никако да се опуштиме за реваншот. Напротив, ќе треба да се подготвиме уште подобро. Ќе мораме да внимаваме затоа што Романија покажа дека воопшто не е наивна селекција. Сега сигурно и подлабоко ќе не анализираат, затоа мора максимална сериозност. И, никако не смее да се испушти оваа предност“ – изјави Талески.