Може ли Металург до нов триумф во ЛШ?

РК Работнички домаќин на РК Радовиш
02/10/2015
Костески: Верувам дека можеме до нов триумф
03/10/2015

Може ли Металург до нов триумф во ЛШ?

Младиот тим на Металург во сабота оди на третата врзана победа во рок од 7 дена, по триумфите над Кадетен Шафхаузен во ЛШ и во дербито на домашното првенство, над Работнички.

На дел од ракометните фанови во Македонија можеби сеуште им е чудно што Металург се радува на секоја победа, па дури и на триумф над екипи како Кадетен и Работнички. Дел од нив, особено поддржувачите на големиот противник Вардар, дури и со потсмев гледаат на големата радост на младите ракометари на Металург по триумфот во второто коло од ЛШ, небаре ја освоиле титулата во најсилното клупско натпреварување. Но, тоа е реалноста. И ниту тренерот на Металург, ниту управата, а најмалку играчите на Металург не бегаат од тој факт. Напротив, сите заедно, а особено Червар токму тоа го потенцираат. Сите се свесни дека во ниту еден натпревар Металург не влегува како фаворит и на сите до еден им е јасно дека за да излезат како победници од секој нареден меч, тие треба да дадат 110% од можностите. Баш како да е финале на ЛШ. Тоа се очекува и на саботниот меч од третото коло во ЛШ против екипата на Елверум од Норвешка.

По првите две кола, норвешкиот првак е со половичен успех, по една победа и пораз. Во првото коло Елверум забележа значајна победа на гости, совладувајќи го Кадетен Шафхаузен со 30-31. Сепак, во второто коло Елверум доживеа вистинска катастрофа на домашен терен, забележувајќи тежок пораз од Скјерн со 23-37. Во двата натпревари, Елверум покажа дека левата страна на екипата е посилниот дел. Тука се левото крило, Норвежанецот Линдбоу, кој постигна вкупно 15 гола во првите два меча, и левиот бек, Србинот Митровиќ со 12 гола. Доколку Металург ги сопре нив двајца, голем дел од работата ќе е завршена.

Успехот на овој меч зависи само од Металург, и никој друг. Оваа екипа на Металург, под диригентската палка на Лино Червар, напредува од натпревар во натпревар. Червар и на овој, како и на сите претходни и идни натпревари, ќе бара екипата да ја игра својата игра – цврсто во одбраната, трпеливо во нападот. Оваа сезона Червар многу повеќе ја практикува 5-1 одбраната, која често личи и на 4-2. Тоа е одбрана која ги троши играчите многу и заради тоа повеќе од било кога во минатото, ги ротира играчите во одбрана. Поголемата грижа и понатаму останува играта во напад. Екипата премногу се потпира на Јанко Божовиќ, а за успех потребно е колективна игра. Особено е важно да проработи пикерот, како би се отворил простор за сите бекови и за се подобрите крила Маџовски и Костески.

Секако, 8-от играч на овој меч мора да биде публиката. Да не заборавиме, во Металург има 11 Македонци на возраст од 18 до 22 години, кои се иднината на македонскиот ракомет. Тука се и младите Мраковчиќ и Бувиниќ, кои заедно со искусните Божовиќ, Матиќ и голманот Дупјачанец се обидуваат да го вратат Металург на старите патеки. За да успеат во тоа, овие млади играчи, овој „нов“ има Металург има потреба од поддршката од трибините.

Мечот е во сабота, во СЦ Борис Трајковски, со почеток во 17:30.

Т.К
Т.К

Ракомет > фудбал + кошарка.
Ракометен фан од времето на Марина Абрамова!

Comments are closed.